Трамп попушти пред Брисел: Одложени царини на ЕУ до 9 јули

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се согласил да ја одложи до 9 јули примената на царини од 50 проценти за увоз од Европската Унија, додавајќи дека имал „многу пријатен телефонски разговор“ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што довело до тоа одложување, објавија денес американските медиуми.

– Фон дер Лајен рече дека сака да продолжи со сериозни преговори. Таа праша дали примената на царините може да се помести од 1 јуни на 9 јули. Таа побара токму тој датум, а јас се согласив со тоа – изјави Трамп пред новинарите во Њу Џерси, објави Си-Ен-Ен.

Тој додаде дека претседателот на ЕК рекол дека треба брзо да се сретнат и да видат дали можат да се договорат за нешто.

Според Си-Ен-Ен, Трамп во петокот изјавил дека не сака да преговара со ЕУ и дека царините ќе стапат на сила на 1 јуни.

Сепак, во неделата, кратко по разговорот со новинарите, претседателот објави на својата социјална мрежа Truth Social дека преговорите ќе започнат наскоро.

Најновите царини требаше да дојдат откако Трамп веќе воведе реципрочни царини од 20 проценти врз Европската Унија во април, кои исто така беа одложени.