Трамп разговараше со Зеленски, а потоа се огласи на социјалните мрежи и рече: „Ние сме на вистинскиот пат“

Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со украинскиот лидер Володимир Зеленски и сподели детали од разговорот на социјалната мрежа Truth Social.

Трамп во коментар на оваа социјална мрежа рече дека разговорот бил добар, а деталите од договорот ќе ги соопштат неговиот советник за национална безбедност Мајкл Валц и државниот секретар Марко Рубио.

„Само што имав многу добар телефонски повик со украинскиот претседател Зеленски. Траеше околу еден час. Голем дел од разговорот се засноваше на вчерашниот повик на претседателот Путин да ги усогласат и Русија и Украина за нивните барања и потреби. Ние сме на вистинскиот пат и ќе ги замолам државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајкл Валц да дадат точен опис на точките за кои ќе се разговара“, се вели во изјавата на Трамп.

Инаку, Трамп на оваа социјална мрежа го коментираше и вчерашниот разговор со Путин.

„Се согласивме на итен прекин на огнот во контекст на енергетската инфраструктура, со разбирање дека ќе работиме брзо за да постигнеме целосен прекин на огнот и, на крајот, крај на оваа многу страшна војна меѓу Русија и Украина. Оваа војна никогаш немаше да започне ако јас бев претседател!”