Германскиот канцелар Олаф Шолц и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп синоќа телефонски размениле мислења за билатералните односи и геополитичките предизвици, соопшти портпаролот на германската влада.
„Канцеларот ја истакна подготвеноста на германската влада да продолжи со децениската успешна соработка меѓу владите на двете земји. Тие, исто така, се согласија да работат заедно за враќање на мирот во Европа“, рече Штефен Хебестрајт.
За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп жестоко ја критикуваше Германија за, како што сметаше, недоволните воени трошоци, германскиот трговски суфицит и германско-рускиот гасовод Северен тек 2.
Шолц истакна дека Германија сега троши 2 отсто од својот бруто национален производ за одбрана, во согласност со насоките на НАТО.
Канцеларот, исто така, јасно стави до знаење дека очекува Трамп, кој победи на изборите во САД и треба да се врати во Белата куќа во јануари, да ја продолжи посветеноста на претседателот Џо Бајден да постави американски ракети со среден дострел во Германија.
„Го потпишавме тој договор со САД. Тоа е во наш заеднички интерес“, рече Шолц.
Германскиот канцелар беше наречен будала од блискиот сојузник на Трамп, мултимилијардерот Илон Маск.