Трамп: САД ќе испратат ракетни системи „Патриот“ во Украина

– Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат во Украина системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, изразувајќи го своето незадоволство од рускиот претседател Владимир Путин.

„Европската Унија плаќа за тоа. Ние не плаќаме ништо за нив, но ќе ги испратиме. Тоа ќе биде бизнис за нас и ќе им ги испратиме ‘Патриот’, кои им се очајно потребни“, изјави Трамп за новинарите во заедничката база „Ендрус“ во Мериленд, без да прецизира колку ракетни системи „Патриот“ има намера да испрати во Украина.

„Затоа што Путин навистина изненади многумина. Зборува убаво, а потоа навечер ги бомбардира сите. Имаме мал проблем таму: не ми се допаѓа тоа“, додаде тој.

Трамп исто така објави дека ќе има средба со новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, кој денес започнува дводневна посета на Вашингтон, каде што ќе се сретне и со државниот секретар Марко Рубио, секретарот за одбрана Пит Хегсет и членови на Конгресот.

Трамп истакна дека Европа најавила санкции против Русија.

„Многу сум разочаран од претседателот Путин. Мислев дека е човек што го мисли тоа што го зборува — зборува прекрасно, а потоа во текот на ноќта ги бомбардира луѓето. Тоа не ни се допаѓа“, рече американскиот претседател.

Сенаторите Линдзи Греам и Ричард Блументал на 1 април поднесоа закон со наслов „Закон за санкционирање на Русија 2025“, со кој ќе се воведе царина од 500 % на увезената стока од земјите што купуваат руска нафта, гас, ураниум и други производи.

Трамп минатиот четврток изјави дека в понеделник ќе даде „голема изјава“ за Русија, без да даде дополнителни детали.