Трамп сигурен во себе: Можно е прекин на огнот во Газа во рок од една недела

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека верува оти прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа може да се постигне во рок од една недела.

На настанот во Белата куќа во петокот по повод договорот меѓу Конго и Руанда, Трамп им рече на новинарите дека разговарал со луѓе вклучени во преговорите и дека договорот е „блиску“, објави Ројтерс.

Тој не прецизираше со кого разговарал, но изјави дека за време на израелско-иранскиот конфликт бил во речиси секојдневен контакт со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Мислам дека (договорот) е блиску. Тукушто разговарав со некои од вклучените луѓе. Мислиме дека ќе постигнеме прекин на огнот следната недела“, рече Трамп.

Хамас претходно изјави дека е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници според договорот за завршување на војната, додека Израел инсистира дека конфликтот може да заврши само ако Хамас биде разоружан и расформиран.

Хамас ги отфрла таквите услови.

Израелската амбасада во Вашингтон не одговори на барањето за коментар.

Израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер треба да го посети Вашингтон следната недела, каде што ќе разговара со претставници на администрацијата на Трамп за ситуацијата во Газа, односите со Иран и можната посета на премиерот Нетанјаху на Белата куќа, според извор запознаен со ова прашање.

Нетанјаху вчера изјави дека исходот од конфликтот со Иран отвора можности за проширување на мировните иницијативи.