Трамп: Ќе го купиме Гренланд, Канада треба да биде дел од САД, бојата на авионот ќе ја сменам во „моќно сина“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека мисли оти САД сепак ќе го купат Гренланд од Данска, и покрај инсистирањето на земјата дека нејзината прекуокеанска територија не е на продажба.
„Верувам дека ќе го добиеме Гренланд“, им рече Трамп на новинарите за време на патувањето со претседателскиот авион (Air Force One) од Лас Вегас до Флорида, пренесе АП.
Зборувајќи за односите со Канада, Трамп рече дека земјата „со години ги искористува предностите на САД“, но дека тоа нема да го дозволи.
Тој посочи дека САД губат стотици милиони долари годишно поради трговскиот дефицит со Канада, додека Канада прави „речиси 90 отсто од својот бизнис со САД“.
„Не сакам да трошам стотици милиони долари за поддршка на една земја, освен ако таа земја не е земја (САД). А ако е земја, жителите на Канада ќе плаќаат многу помали даноци“, рече Трамп.
Тој рече дека Канаѓаните, исто така, „немаат воени проблеми, би биле многу побезбедни на секој начин“ и дека смета дека обединувањето со САД би било „одлична работа за Канада“.
Трамп истакна дека верува оти Канада треба да стане една од државите на САД.
„Тогаш ќе добијат многу подобар третман, многу подобра нега и многу пониски даноци и ќе бидат многу побезбедни“, заклучи Трамп.
Зборувајќи за претседателскиот авион, Трамп рече дека, како и во првиот претседателски мандат, и понатаму има намера да ја смени бојата на претседателскиот авион од „бејби сина“ во „моќно сина“.
„Сакаме моќно сино, а не бебешко сино. Сè има свое време и место. Ќе ги менуваме боите“, рече Трамп.
Запрашан за низата извршни наредби што ги потпиша откако ја презеде функцијата на 20 јануари, со кои се поставуваат нови правила за федералните вработени, Трамп рече дека се противи на отстапките за работа од дома, кои станаа почести за време на пандемијата на коронавирус.
„Треба да одите во вашата канцеларија и мора да работите. Во спротивно, нема да имате работа“, рече Трамп.