– Францускиот фудбалски стратег Абдел Бухазма поднесе денеска оставка на должноста шеф на стручниот штаб на Анжер по серијата слаби резултати и непримерни коментари изречени во соблекувалната, кои протекоа во јавноста.
Анжер е убедливо последно пласиран на табелата во француското првенство со само десет бодови од 26 натпревари, а 54-годишниот Бухазма за зборовите изречени во говорот пред неделниот пораз од Монпеље (0-5) беше наречен сексист во локалните и националните медиуми во Франција.
„Соочен со медиумскиот притисок и со цел да го зачува имиџот на клубот и спокојот во соблекувалната, Абдел Бухазма го извести клупскиот претседател дека одлучил да ја напушти позицијата главен тренер. Претседателот ја прифати одлуката на тренерот. Клубот не прифаќа ниту еден облик на дискриминација и осудува сексизам и омраза кон жените“, соопшти Анжер.
Во соопштението се додава дека Бухазма им се извинил на сите соработници, а особено на колешките.