Тренчевска: Време е да имаме еднакви можности, еднаков пристап до ресурси и најважно еднакви придобивки
– Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во утринската програма на Македонската телевизија посочи дека на Предлог-законот за родова еднаквост се работи од 2019 година, формирана е работна група и одржани се 18 јавни расправи низ државата со цел да се слушнат сите чинители во општеството и да се креира законско решение кое може да се реализира со вистински одредби кои можат да се имплементираат.
– Пред да започнеме да го работиме Предлог-законот за родова еднаквост, направивме анализа за тоа колку се имплементираат одредбите од законот и колку се функционални механизмите кои се дел од постоечкиот закон. Анализите покажаа дека имаме слаба имплементација и дека механизмите не се функционални. Зборувам за механизмите на локално, национално ниво и механизмите во Собранието, истакна Тренчевска.
Таа рече дека покрај тие причини првично, но и заради усогласување на македонското со европското законодавство се пристапило кон измени. Вклучени се и директиви од европското законодавство, како што се директивата за еднаков третман, директивата за хармонизација на семејниот и професионалниот живот, пристапот до добра и услуги.
– Внесуваме нов концепт и интеграција на родовата перспектива во политиките. Залудни ни се механизми и закон ако во тие мерки не е вклучена родовата перспектива. Во овој закон првпат во законодавството дефинираме што претставува родовото мејнстримирање и чекорите како да бидат родово сензитивни, вели Тренчевска.
Министерката појасни дека со законот се потврдуваат семејните вредности и заштитата на децата.
Таа се осврна на кампањата која го одбележа месец март на Министерството за труд и социјална политика, каде во фокусот беа жените и девојчињата, борбата против насилството врз жените и девојчињата, важноста на менталното здравје и економската независност на жените.
– Мораме што повеќе жени да вклучуваме на пазарот на трудот. Да го намалуваме насилството врз жените. Не смее ниту една жена, ниту еден човек да живее во услови на насилство. Да работиме да ги зајакнуваме младите, жените, да бидат економски независни, да работиме со девојчињата уште во процесот на образование. Само на тој начин можеме да ги отстраниме стереотипите и предрасудите кои се врзани со девојчињата. Така ќе ја подигнеме свеста дека не треба да има поделба на жени и мажи и женски и машки работи кога се работи за професии и функции кои припаѓаат и на жените и на мажите. Не може 51 отсто од општеството да иде ставено на страна, само затоа што е жена. Време е да имаме еднакви можности, еднаков пристап до ресурси и најважно еднакви придобивки од тие ресурси, истакна Тренчевска.
Таа најави неколку месечна кампања за млади „Остави трага“, која ќе се случува во повеќе градови во државата, а почна минатата недела во Скопје. Целта на кампањата, како што рече, е преку лични приказни се допре до младите, да се подигне свеста за говорот на омраза, за менталното здравје, за можностите коишто институциите ги нудат на младите, вработувањето, можностите за подобри работни места и пристојни плати. Овие настани се мултимедијални, каде е вклучена музика, сликање, театар.