Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска информираше дека во сферата на семејното насилство лани повеќе е застапено психичкото насилство. Како што рече таа, од јануари до септември минатата година биле пријавени 1.166 случаи на семејно насилство, а од нив 708 се поврзани со психичко насилство.
„Од јануари до септември 2023 година имавме вкупно 1166 случаи на семејно насилство. Сега им ги броиме случаите за цела година, од септември до декември. Наскоро ќе ги објавиме податоците за целата 2023 година. Да, повеќето од нив, 708 случаи, пријавиле психичко насилство, за разлика од порано, каде најчесто насилството беше физичкото насилство“, рече Тренчевска по денешната конференција за медиуми.
Таа нагласи дека психичкото насилство е многу тешко да се докаже бидејќи нема видливи траги, освен падот на менталното и психичкото здравје на граѓаните. Како што информираше, најголем број жртви на психичко насилство се жените.
„На полето на психичкото насилство имаме постојано префрлање или пренесување на партнерот, децата или родителите и сето тоа остава длабоки траги во човечката психа и е многу тешко препознатливо. Жртви на насилство се децата и постарите граѓани, но најголем процент и понатаму се жени“, рече Тренчевска.