Денеска на територијата на Република Македонија во неколку градови се одржаа неколку собири на граѓани поради Законот за родова еднаквост и Матичната книга за евиденција. Првиот предвидува унапредување на правата на жените, додека вториот има поширока димензија, но она што е спорно е можноста за дефинирање на полот. Со второто, се предвидува трансродовите лица да можат да го дефинираат својот нов пол и да го променат бројот на родени со заверена изјава на нотар.
Ова предизвика низа реакции и кај најголемите верски субјекти во државава односно кај МПЦ и кај ИВЗ. И двете верски заедници остро ги осудија најавите за примена на гореспоменатите закони.
Црквата се крена на протест, додека Исламската заедница преку соопштение вели дека нема да поддржи ниту еден предложен закон што е спротивен на верските принципи.
„Ја поддржуваме одлуката на сите поглавари на верските заедници во државата, која излезе како резултат на заедничката средба на 7 мај 2023 година, каде беше истакнато дека предметните закони кои се спротивни на верските начела не се поддржани. Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ.“, велат од ИВЗ.
Свој коментар односно реакција на ставовите на МПЦ и ИВЗ имаше Министерката за труд и социјала Јована Тренчевска.
Во продолжение ја преносуваме нејзината изјава:
„Вистината е дека законот за родова еднаквост го унапредува статусот на жената во општото општествено живеење, а со тоа се занимава и законот за родова еднаквост. Законот за матична евиденција се занимава со родовиот идентитет, поточно можноста трансродово лице да ја смени шифрата во мајчиниот број каде што е означен полот, женски или машки.“, вели Тренчевска.
Предлог Законот за родова еднаквост сè уште е во консултативен процес и не е влезен ниту во владина процедура и процесот ќе продолжи со цел да бидат слушнати сите чинители во општеството. Во собраниска процедура не е ниту Законот за матична евиденција. Првично доставен до собранието лани, владата неодамна го повлече за да се доработи и да се отвори поширока јавна расправа по што ќе оди во редовна собраниска процедура.