Вицепремиерот Николоски во своето последно интервју изјави дека постојаните мобилни оператори во земјата дејствуваат како дуопол и не нудат подобри услуги за корисниците. Според него, нема конкуренција меѓу двата оператори, а лошата мрежа во многу делови на земјата дополнително ги разочарува граѓаните.
Николоски нагласи дека Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) веќе започна тендер процедура за издавање лиценца за трет мобилен оператор, што ќе донесе конкуренција, подобри услуги и нови работни места. Според него, лиценцата ќе се продаде за сума помеѓу 8 и 12 милиони евра. Покрај реномираниот оператор “4IG”, интерес за лиценцата покажал и еден румунски мобилен оператор.
„За жал во овие 8-9 месеци откако ние сме Влада, направија се да докажат на цела јавност дека има потреба од трет оператор. Го држат дуополот помеѓу себе, нема никаков натпревар помеѓу себе, не понудија никакви подобри услуги. Патувајте низ државата, половина држава мрежа нема или ви се губи мрежата. Да не зборувам за потценувачкиот однос кој што го имаат кон петте национални приватни телевизии и кон регионалните телевизии, каде што од граѓаните наплаќаат за кабелска телевизија, а на овие телевизии, иако имаат законска обврска, не им исплаќаат ништо. Така што направија се, за да веќе никој нема дилема дали треба или не треба да има трет оператор и АЕК веќе започна процедура за тендер за лиценца за трет оператор. Тоа е добро од повеќе причини. Прво ќе добие пари државата, некаде лиценцата е помеѓу 8 и 12 милиони евра. Второ ќе добие директна инвестиција државата, ќе се отвараат работни места и трето според мене најважно, ќе добие конкуренција затоа што во моментов конкуренција нема, двата оператори дејствуваат како еден“, истакна вицепремиерот Николоски.