Трет бран ирански напад врз Израел, експлозии се слушнаа во Тел Авив и Ерусалим

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека Иран испалил нов бран ракети по двата претходни брана што погодија цели во Тел Авив.

Сирените се вклучија откако Израелските одбранбени сили соопштија дека е извршен нов ирански ракетен напад врз Израел. Тие рекоа дека откриле уште една серија балистички ракети лансирани од Иран.

Силни експлозии се слушнаа во Тел Авив и Ерусалим неколку минути по предупредувањето на израелската армија. Официјалните лица известуваат дека има повредени во последниот напад, а во претходните напади беа повредени десетици луѓе, најмалку 35, а една жена беше убиена.

На цивилите им беше наредено да останат во засолништата од бомби, но сега добија ново известување дека можат да излезат надвор под услов да останат во близина на засолништата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац се наоѓаат во бункерот, каде што ја проценуваат ситуацијата по иранските одмазднички напади.

Претходно, Иран испука две серии ракети и беспилотни летала кон Израел, при што некои од нив погодија цели, главно во Тел Авив. Иранската Исламска револуционерна гарда по двата напади објави дека погодиле погони за производство на оружје.

Нападите доаѓаат како одговор на израелските напади врз нуклеарната и цивилната инфраструктура на Иран, а Нетанјаху рече дека тие имаат подготвени и повеќе ракети. Вечерва, сирени се огласија и во Техеран, очекувајќи израелски напади.