Трибина за енергетика на СДСМ: Се враќа евтината тарифа на струјата, на мрежата на парно се приклучиле над 1.000 нови субјекти
– Пред неколку години зборувавме за македонска енергија од македонско сонце и денес тоа е реалност. Видливи се резултатите и со право сме горди што направивме и се уште го правиме во делот на зелената транзиција. Денес имаме домашна берза и секој еден може да учествува во енергетскиот бизнис, а до 2017 година тоа можеа да го прават само привилегирани до тогашната влада, порача претседателот на Комисијата за енергетика на СДСМ, Митко Андреевски на денешната трибина „Резултати што прават разлика“ одржана во Скопје.
-Зголеменото домашно производство отвора можност повторно да ја вратиме евтината дневна тарифа на струјата, рече Андреевски, додавајќи дека Програмата за делот енергетика за следните избори ќе започне да се подготвува наскоро, а како дел од конкретните заложби ќе биде формирање на Министерство за енергетика.
Членот на Комисијата за енергетика на СДСМ Гоце Трпчевски истакна дека не решавањето на проблемот со парното греење во Скопје во кризна година можеше да направи домино ефект и нарушување на целиот енергетски сектор во државата и да го доведе во колапс.
-Затоа Владата дејствуваше брзо и ефикасно и со преземање на системот за парно греење успеавме да спречиме колапс на енергетскиот сектор, истакна Трпечвски додавајќи дека намалувањето на ДДВ за парно греење позитивно влијаеше врз буџетите на граѓаните.
Тој посочи дека денес во Скопје има 66.500 домаќинства и компании кои се приклучени на мрежата на парно, што е за околу 1.000 субјекти повеќе во однос на минатата грејна сезона.
Симон Кижевски, член на Комисијата за енергетика на СДСМ посочи дека АД ЕСМ успешно се носеше со обврската да се справи со енергетската криза заради што зад нас имаме успешна грејна сезона.
Кижевски истакна дека за успешно менаџирање на енергетската криза максимално беа мобилизирани сопствените капацитети, по 12 години во функција беше ставена ТЦ Неготино, склучен беше договор за откуп од приватната гасна електрана ТЕ-ТО АД, Скопје, ЕСМ го презеде и парното греење во Скопје.
-Имаме драстично намалување на увозот на струја а тоа намалување се должи на зголеменото производство, пред се од страна на АД ЕСМ, нагласи Кижевски, додавајќи дека и во време на криза продолжуваат инвестициите во електроенергетскиот сектор во државата.
Симон Шутиновски од МЕМО истакна дека стравот од недостаток на струја веќе е минато, енергија има, и ги повика сите да се вклучат на домашната берза на електрична енергија, на која пред четири дена започна тргувањето.
-Успеавме низ јавна транспарентна постапка добивме партнер кој е секој ден со нас и ќе биде со нас и во следните четири години, тоа е успешност на Владата, РКЕ, ЕСМ и МЕПСО кој е основач на МЕМО, истакна Шутиновски, додавајќи дека на берзата има 22 учесници меѓу кои и големи европски производители и домашни производители на електрична енергија.
Бајрам Реџепи од НОМАГАС посочи дека е обезбедена либерализација на пазарот на гас.
-Правиме се што е потребно да се создаде добра основа за развој на енергетскиот сектор, интерконекторот е во завршна фаза, 270 километри гасовод, односно цела делница до Битола ќе биде пуштена во употреба, а наскоро и другиот крак до Тетово и Гостивар. Дистрибутивната мрежа ќе се гради во 41 општина одеднаш, рече Реџепи, додавајќи дека наскоро ќе биде формирано јавно претпријатие за дистрибуција.