Трипуновски: Го повикувам ЈО да не остане немо на оваа пријава, да постапи веднаш затоа што јас нема да отстапам од овој криминал
„Она што сме го имале како индиции во минатото, сега од внатре од позиција на Министерството, од Влада, ги проверуваме и се потврдува како сериозен криминал. Овие два субјекти за кои што ја информирав јавноста морам да потенцирам дека се поткрепени со сите докази, и се процесуирани до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиска полиција“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при денешното гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
„Ја користам оваа прилика уште еднаш да го повикам Јавното обвинителство да не остане немо на оваа пријава, во рамки на своите надлежности да постапи веднаш затоа што јас нема да отстапам од овој криминал кој што бил направен и е поткрепен со докази. Јас од позицијата на министер имам обврска да го штитам и Буџетот и нормално да проверам кој како работел во минатото бидејќи тоа се државни пари“, изјави министерот.
Тој посочи дека во моментот се водат 5 предмети во Министерството. Во вторникот се презентираа 2 предмети, а другите 3 за многу скоро време ќе бидат презентирани во јавноста.
„Моите настапи не се за да кажеме дека претходната власт направила злоупотреби, јас моите пријави до надлежните институции ги поткрепив со документи и докази кои што де факто го разобличуваат нивното криминално однесување“, појасни Трипуновски.
Министерот додаде дека ова не се само индиции за сторен прекршок, до Јавното обвинителство за првите два случаи доставени се Договори за користење на земјоделско земјиште, во прилог на тие Договори се и Бизнис плановите кои што требало да бидат исполнети за субјектот АРЕКСПОРТ – Струмица, инвеститорот во тоа време се нафатил да инвестира 2,5 милиони евра инвестиции, да подигне долгогодишни насади. Но, во контролата која што е направена на лице место од страна на Државниот инспекторат за земјоделство едвај има околу 300.000 евра инвестиција. Значи 2 милиони евра инвестиција не постои. Парите завршиле во приватни џебови.
„Вториот доказ кој што го пратив до Јавното обвинителство е Записникот од контролата на еден од официјалните записници на државна институција. За да ова излезе на виделина од Платежната агенција обезбедивме Решенија за исплата на субвенции према овој субјект кој што не го работел земјиштето. Практично се докажува целиот случај“, истакна Трипуновски.
„Во нашата контрола на терен која што ја правеше Инспекторатот замислете кај овој субјект кој што има земено скоро 1.500 хектари земјоделско земјиште, на делот на парцелите наоѓавме физички лица кои што си го работеа земјиштето. На прашање што правите вие овдека едноставно одговорот беше ни го дадоа да го работиме. Што значи дека фирмата го давала во подзакуп, некои други да го работат, и им се земало надомест“, појасни министерот.