Република Македонија денеска е претставена на „Винска визија на отворениот Балкан“ во Белград.
Годинава на овој саем се претставени 80 винарии, од кои 68 се мали семејни винарии, а 12 винарии се дел од здружението „Македонски вина“.
„Исто така на оваа манифестација за прв пат имаме изложувачи на квалитетна традиционална македонска храна“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Ова е одлична можност овде на саемот да се промовираат квалитетни македонски вина“, додаде министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, додека на 29 место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Министерот Трипуновски додаде дека Владата има намера да го зголеми производството на вино во земјава, со што ќе се зголеми нејзиниот извоз во светот. Девизните приходи од извоз на вино за 2023 година достигнаа над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во над 40 земји низ светот. А најголем дел се наоѓа овде во регионот, односно на Балканот“, потенцираше тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во сферата на винскиот сектор бидејќи е втора по важност гранка во Република Македонија по извоз и девизни приливи“, нагласи министерот Трипуновски.