Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој вчера беше на терен во гевгелискиот и струмичкиот регион, изјави дека според првичните информации од Државниот земјоделски инспекторат, собирањето се одвива нормално, имаме добро производство на пиперки, додека квалитетот е солиден.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски нагласи дека вчера на 4.143 земјоделци им се исплатени над 259 милиони денари.
„За потсетување, вчера извршивме исплати според подмерката 1.7 од 3 денари по килограм за сите градинарски култури предадени во преработувачки капацитети. Имено, исплативме над 259 милиони денари на 4.143 земјоделци“, нагласи Трипуновски.
Тој нагласи дека заложбата на Владата и премиерот Христијан Мицкоски во областа на земјоделството и градинарството е дека во Програмата за 2025 година имаме зголемување на субвенцијата по килограм предадена пиперка, од 3 денари на 4 денари за периодот август-октомври. А за следниот период, додаде министерот, од 5 на 6 денари по килограм.