Трите најважни минерали за функцијата на тироидната жлезда, а ова се намирниците кои ги содржат

За оптимално функционирање на тироидната жлезда важни се цинкот, селенот и јодот. Јодот е минерал кој е потребен за производство на сите тироидни хормони.

Јод

Јодот е неопходен и незаменлив за функционирањето на тироидната жлезда, а можеме да го најдеме во кујнската сол, морските плодови и алгите.

Селен

Освен јод, за функцијата на тироидната жлезда важен е и минералот селен. Селенот е од суштинско значење за работата на ензимот кој го зема хормонот Т4 и го претвора во активна форма на Т3.

Луѓето кои имаат недостиг на селен во организмот можат да ги почувствуваат симптомите на хипотироидизам, односно последиците од намалената работа на тироидната жлезда и покрај тоа што вредностите на хормоните Т3 и Т4 се во нормални граници.

Најдобрите извори на селен се бразилските ореви, а селенот може да се најде и во квасецот, интегралните житарки и морските плодови. Само еден бразилски орев може да исполни повеќе од 100 проценти од препорачаната дневна доза на селен.

Цинк

Списокот на минерали корисни за тироидната жлезда вклучува цинк. Цинкот е важен за правилното функционирање на тироидните хормони, а особено е корисен во клетките каде што тироидните хормони ја вршат својата активност.

Храна богата со цинк се семките од тиква, месото и морските плодови. Недостигот на цинк во телото може да се појави кај пушачи, дијабетичари, трудници, а зголемена потреба од овој минерал имаат и спортистите.