Тројца загинати во страшно невреме во Грција: Маж го однесе порој штом излегол од својата куќа (ВИДЕО/ФОТО)

Претходно, противпожарните служби соопштија дека телото на постара жена е пронајдено во близина на крајбрежна локација на полуостровот Пелион, во близина на пристаништето Волос.

Во Грција бројот на жртвите од невремето Даниел се зголеми на три, а се трага по уште четири лица, јавија денеска грчките медиуми.

Според Катимерини, последната жртва е постар маж кој бил пронајден мртов во областа Тесалија. Тој 82-годишен маж е пронајден во онесвестена состојба под автомобил во областа Елинопиргос, откако по излегувањето од куќата го однел порој предизвикан од бурните дождови.

Претходно, противпожарните служби соопштија дека телото на постара жена е пронајдено во близина на крајбрежна локација на полуостровот Пелион, во близина на пристаништето Волос.

Првата жртва на невиденото невреме во Грција беше маж во Волос кој во вторникот беше погоден од ѕид.

Националната метеоролошка служба Метео соопшти дека Тесалија, во централниот дел на Грција, е погодена од големи поплави во последните 48 часа. Од понеделникот бурата Даниел предизвика лизгање на земјиштето, уништи мост, сруши далноводи, а десетици автомобили беа однесени во порои, само неколку дена откако беше изгаснат големиот пожар во северна Грција. Поплавени се и делови од Атина.

Најавено е дека невремето ќе трае до вечерва. Четири лица се водат за исчезнати во централна Грција откако поројниот дожд поплави домови и деловни објекти.

Властите трагаат по исчезнати лица, изјави во телевизиска изјава министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикилијас. Најмалку седум лица загинаа во соседна Турцијае во поројните поплави кои предизвикаа обилни врнежи на северозапад од таа земја.

Во Бугарија од поројните дождови, кои во вторникот го зафатија брегот на Црното Море, загинаа четири лица, соопштија властите во средата, а илјадници туристи беа погодени од невремето.