ТУНЕЛИТЕ НА ХАМАС СЕ НАЈГОЛЕМАТА ЗАКАНА ЗА ИЗРАЕЛЦИТЕ – ИДФ се чини дека има решение, а тоа е ново “оружје“ !?
Во следните недели, израелските одбранбени сили (ИДФ) речиси сигурно ќе започнат копнена инвазија на Појасот Газа, иако таа може да биде нешто помала во обем од првично очекуваното.
Нема сомнеж дека војниците на ИДФ ќе ги пречека многу тешко урбано опкружување каде ќе се заканува опасност од речиси секоја насока. И еден од клучните елементи што ќе го користат милитантите на Хамас, како и другите вооружени групи како Исламскиот Џихад, е мрежата на тунели под градот Газа.
Со цел да го фатат непријателот како ненадејно „излегува“ од земја, или да го спречат да побегне во тунелите, ИДФ започна со тестирање на нов вид „оружје“. Станува збор за еден вид „сунѓерски бомби“ чија цел не е да разнесат нешто со експлозија, туку токму спротивното – кога ќе се активираат, тие веќе создаваат слој од пена што брзо се шири и зацврстува. Таа пена потоа веднаш би ги затворила влезовите/излезите од тунелот, пишува The Telegraph.
ИДФ тестира ваков тип на направа или оружје од 2021 година, а е наменет за употреба против таканареченото „метро Газа“, односно горенаведената мрежа на тунели што се протега на стотици километри под градот Газа и кои милитантите ги користат не само како засолниште, туку и магацини за оружје и муниција и место за држење заложници. Израелските сили се надеваат дека ова оружје ќе им помогне со затворање на тунелите пред Хамас да може да нападне низ нив.
„Бомбата“ во основа се состои од пластичен сад со метална преграда што одвојува две течности. Откако ќе се извлече преградата, соединенијата се мешаат и доаѓа до хемиска реакција, а војникот веднаш ја поставува или фрла „бомбата“ на местото каде што сака да се формира тврда бариера од пена.
Но, проблемот со ова „оружје“ е што е ризично да се користи – всушност, некои израелски војници наводно го изгубиле видот од ракувањето со оваа „бомба“, која во основа е мешана течност.
Друга опција за израелските војници е да пуштат роботи во тунелите. Сепак, нивниот опсег и ефект веројатно не се доволни за видот на операцијата што треба да се изврши. Поточно, има проблем со опсегот на радио сигналот што го контролира роботот – што е истиот проблем што ќе ги мачи ИДФ кога испраќа микродрони во тунелите.
The Telegraph пишува дека ИДФ развила и таканаречени „микро роботи“ кои можат дури и да се качуваат по скали и да носат експлозив што може да се активира доколку е потребно.
„Оние работи што ги користите на површината, не можете да ги користите под површината на ист начин, или со ист ефект. Потребна ви е специјална опрема за да гледате, да се движите во тунелите, да комуницирате едни со други и конечно – да користите смртоносно оружје“, посочува Џон Спенсер, поранешен американски офицер кој предава урбана војна на Универзитетот „Вест Поинт“.
Хамас е добро свесен за ова и во текот на изминатата деценија разви тактики за војување кои во голема мера се потпираат на тунели и општи заседи во урбаните средини.