Малта е последна во низата земји погодени од екстремните топлотни бранови што го погодија југот на Европа во последните неколку недели, а осми ден по ред се бори со недостиг на електрична енергија предизвикан од високите температури.
Вчера земјата забележа 42,7 степени Целзиусови, достигнувајќи го рекордот поставен во 1988 година, покажуваат податоците на Националната метеоролошка служба на Малта.
Поради тоа, локалните власти издадоа предупредување, повикувајќи ги луѓето да не ги напуштаат своите домови во периодот од 11 до 16 часот, во најжешките часови од денот. Високите температури доведоа и до осум последователни прекини на електричната енергија. Во исто време, побарувачката за електрична енергија никогаш не била поголема, со што значително се оптоварува електричната мрежа.
Во некои случаи, прекините на струјата траеја и до 36 часа. Enemalta, државната електроенергетска компанија, рече дека високите температури оштетиле многу подземни кабли.
Десетици илјади поединци и бизниси беа погодени од недостигот, особено поради тоа што климатизерите не беа во можност да работат.
Многу луѓе спиеле на земја, надвор од своите домови или во своите автомобили со вклучени мотори, сè за да избегаат од ноќните горештини. Во некои случаи, дефектот на електричната мрежа предизвика значителна финансиска штета на компаниите.
Рестораните и супермаркетите мораа да ја фрлаат одмрзнатата храна вредна илјадници евра. Здружението на хотели и ресторани во Малта, исто така, пријави фрустрирани гости кои заминуваат од хотелите поради прекините на струја.
Освен Грција, која повеќе од една недела се бори со шумските пожари и мораше да евакуира десетици илјади туристи од популарните островски дестинации, со ненормално високи температури се соочуваат и другите европски земји како Турција, Шпанија, Португалија, Италија и Франција.