Протокот на разузнавачките податоци во сите седишта и бази на НАТО на светот ќе го обезбеди софтверот што ќе го развие турската одбранбена индустрија.
Протокот на разузнавачките податоци во сите седишта и бази на НАТО на светот ќе го обезбеди софтверот што ќе го развие турската одбранбена индустрија.
Турската компанија СТМ (STM), која произведува високотехнолошки, иновативни системи на националната и меѓународна сцена, постигна еден од најважните извозни успеси на турската одбранбена индустрија во полето на софтверот.
СТМ доби два важни тендери за насочување, собирање, обработка и дистрибуција на разузнавачки податоци во рамките на НАТО, каде Агенцијата на Алијансата за комуникации и информации (NCI Agency) е одговорна за обезбедување, инсталирање и одржување на комуникациските и информациските системи за носителите на одлуки и командата во НАТО.
Како резултат на оценката на цената и техничките способности, Агенцијата на Алијансата за комуникации и информации (NCI) ѝ даде предност на СТМ во двата проекта отворени меѓу земјите членки на НАТО во кои учествуваа водечки светски софтверски компании.
По техничките и административни преговори, потпишан е договор меѓу СТМ и Агенцијата на Алијансата за комуникации и информации (NCI).
– На проектот ќе се работи 3,5 години
Со софтверот што ќе биде развиен во рамките на проектот, СТМ ќе обезбеди насочување, прибирање, обработка и дистрибуција на разузнавачките податоци за НАТО-командата. Сите седишта и бази на НАТО во светот ќе ги спроведуваат своите разузнавачки податоци низ овој софтвер што СТМ ќе го развие и модернизира.
Проектите INTEL-FS, што ќе ја модернизираат разузнавачката инфраструктура на НАТО, се планираат за околу 3,5 години. Овие проекти се истакнуваат како едни од најголемите договори што една турска компанија ги потпишала со Агенцијата на Алијансата за комуникации и информации (NCI).
Софтверот ќе се развива и изведува на сопствената платформа на НАТО. Проектот, кој вклучува интеграција на податоци, ќе биде базиран на микросервис, а ќе може да се дистрибуира и да се проширува.
– „Ќе постигнеме уште поголем успех“
Исмаил Демир, претседателот на Претседателството на одбранбената индустрија на Туркије, за Anadolu Agency (AA) изјави дека во согласност со поставените цели за целосно независна одбранбена индустрија, денес и во областа на софтверот го достигнале нивото на пренесување на нивните надлежности на меѓународните критични институции и организации.
„INTEL-FS е еден од најголемите извозни проекти што Туркије ги добила од НАТО во подрачјето на софтверот. Им честитам на моите колеги кои го дадоа својот придонес во проектот. Како резултат на инфраструктурата што ја направивме на полето на информатиката, задоволни сме од резултатите што нашите компании ги постигнаа во меѓународната арена, но верувам дека нашата индустрија ќе постигне големи успеси и во иднина. Нашата одбранбена индустрија ќе продолжи да придонесува за извозните цели на Туркије со производи и решенија со висока вредност“, порача Демир.
– „Многу критичен софтвер“
Генералниот директор на СТМ, Озѓур Ѓулерјуз, за АА изјави дека оваа компанија е една од оние кои најдолго соработувале со НАТО и давале решенија, особено во областа на софтверот и одбранбената индустрија.
Потсетувајќи дека претходно го испорачале проектот NATO Integration Core (INT-CORE), Ѓулерјуз наведе дека осигуриле софтвер за контролните единици на различни земји во Авганистан и дека овие активности датираат од пред 10 години.
„Во СТМ ТинкТех произведуваме и софтвер и даваме консултантски услуги за носење одлуки во НАТО, особено во кризните ситуации. Ги извезувавме во пакети. Во 2022 година го потпишавме петтиот и шестиот пакет. Наша најголема работа потпишана со НАТО е потпишувањето на тендерите за разузнавачката инфраструктура на организацијата. Ова се едни од најголемите проекти добиени од НАТО во подрачјето на софтверот во нашата земја и се многу важни проекти. Протокот на разузнавачките податоци на НАТО отсега ќе се реализира преку софтверот на СТМ.
Сите корисници на НАТО при внесувањето на податоците од своите единици во светот ќе го користат овој софтвер, многу критичен софтвер во таа смисла“, појасни Ѓулерјуз.
Истакнувајќи дека се работи за софтвер кој вклучува напредни технологии, Ѓулерјуз појасни дека инфраструктурите што тука ќе бидат создадени, ќе можат да се користат за потребите на земјите во различни области и ќе претставуваат основа за идниот софтвер на НАТО.
„Да се биде првата компанија која ги развива овие технологии и ги става во употреба за првпат е исклучително важно за нас“, истакна Ѓулерјуз.