Турскиот Парламент синоќа ја одобри кандидатурата на Финска за придружување во НАТО, јави ТРТ Балкан.
Оваа нордиска земја официјално доби одобрување од Анкара за нејзиното барање за пристапување кон воениот сојуз, со 276 гласа „за“.
Гласањето значи дека сите 30 членки на НАТО го имаат ратификувано пристапувањето на Финска, што е услов за да се вклучи во сојузот.
Вознемирени од руската инвазија на Украина пред една година, Финска и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска политика на неврзаност и во мај поднесоа барање за членство во сојузот.
Меѓутоа, Турција, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, побара од двете нордиски земји да преземат конкретни мерки против терористичките организации, како што се ПКК и ФЕТО, со цел да му се придружат на сојузот.
Во јуни Финска и Шведска потпишаа Меморандум со Турција за решавање на безбедносната загриженост на Анкара, а високи дипломати и официјални претставници од трите земји оттогаш одржаа различни состаноци за да разговараат за спроведувањето на трилатералниот договор.
Шведска во ноември минатата година усвои закон за антитероризам, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за придружување во НАТО. Новиот закон, кој стапува во сила на 1 јуни, ќе им овозможи на властите казнено да гонат поединци што ги поддржуваат терористичките групи.
Анкара, претходно овој месец, порача дека во Парламентот ќе го одобри процесот за членство на Финска во НАТО. Кажано е дека Финска го направила потребното за да добие членство, додека Шведска има уште работа.
По повод ратификацијата во турскиот Парламент, на својот официјален Твитер профил се огласи претседателот на Финска, Саули Ниинисто.
„Сите 30 членки на НАТО сега го ратификуваа членството на Финска. Сакам да им се заблагодарам на секоја од нив за укажаната доверба и поддршка. Финска ќе биде силен и способен сојузник, посветен на безбедноста на Сојузот. Сега Финска е подготвена за влез на НАТО. Се радуваме што ќе ѝ посакаме добредојде на Шведска, да ни се придружи колку што е можно поскоро“, порача Нинисто.