Турските компании го интензивираат производството на контејнери за сместување на преживеаните од земјотресите
„Овие контејнери ќе ги задоволат сите потреби на едно семејство“.
Индустриските работници ги засилуваат напорите да ги задоволат итните потреби за засолништа на преживеаните од земјотресот во Туркије, јавува Анадолу.
Околу 13 милиони луѓе беа погодени од двата земјотреси на 6 февруари, кои срамнија со земја илјадници згради и досега однесоа над 44.300 животи во 11 јужни турски области – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије, Елазиг и Шанлиурфа.
Турското Министерство за индустрија и технологија соопшти дека формира кризен центар за координирање на напорите за помош, со првичен фокус на производство и снабдување со опрема за итни случаи за тимовите за пребарување и спасување.
„Приоритетот сега е префрлен на производство на контејнери за да се обезбеди повеќе трајно засолниште за преживеаните“, соопшти Министерството.
„Центарот работи во тесна координација со турската Агенција за управување со катастрофи АФАД за да обезбеди контејнерите да стигнат до погодените региони што е можно поскоро“, се додава во соопштението.
Министерството соопшти дека најголемите турски производители на контејнери работат „24/7 со систем за три смени“ за да ја задоволат потребата од привремени засолништа.
Мехмет Селчук Јуџесој, менаџер во турската градежна компанија „Дорче Префабрик“, рече дека синџирот на снабдување има „големо значење за производството“, заблагодарувајќи се на Владата за „отстранувањето на пречките во овој процес“.
„Почнавме да испраќаме од 200 до 250 монтажни привремени засолништа и планираме да ја зголемиме оваа бројка на 1.500“, рече тој.
Орхан Туран, претседателот на „Нурис Префабрик“, рече дека компанијата произведува контејнери што АФАД ги дефинира како „привремени куќи за живеење“.
„Тие имаат две соби, тоалет, бања и мала кујна. Има и греалки за топла вода“, рече тој.
„Овие контејнери ќе ги задоволат сите потреби на едно семејство“, додаде Јуџесој.
Ерсан Туфекчи, генералниот директор на „Калјон ПВ солар технолоџис“ (Kalyon PV Solar Technologies), рече дека неговата компанија прави соларни панели за напојување на контејнерските градови, основани за преживеаните од земјотресот.
„Ние секогаш ќе ги надминуваме ваквите тешки денови работејќи заедно во единство и солидарност“, рече тој.
Покрај напорите да обезбеди соодветно привремено сместување, турската Влада има за цел да започне со предавање на нови куќи на преживеаните во рок од една година.