Турција го осудува договорот на САД и Јужен Кипар

Турското Министерство за надворешни работи во неделата го осуди договорот меѓу американската администрација и кипарските Грци што го „охрабрува вооружувањето на страната на кипарските Грци“.

„Го осудуваме потпишувањето на договор помеѓу Националната гарда на државата Њу Џерси и Министерството за одбрана на администрацијата на кипарските Грци (ГЦА) во рамките на Програмата за државно партнерство на Бирото за Национална гарда, во рамките на американското Министерство за одбрана, по вклучувањето на ГЦА во оваа програма минатиот октомври“, се вели во соопштението на Министерството.

Турција ја поддржува изјавата на Министерството за надворешни работи на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) за ова прашање, се додава.

„САД ја нарушија рамнотежата на островот Кипар на штета на кипарските Турци во 2022 година со укинувањето на ембаргото за оружје на ГЦА. Овие последни чекори исто така го охрабруваат вооружувањето на страната на кипарските Грци.

„Ги повикуваме САД да ја преиспитаат оваа политика, која на ниту еден начин не служи за стабилноста на регионот и да придонесат за праведно, трајно и одржливо решавање на кипарското прашање“, се вели во соопштението.

Министерството истакна дека Турција, „како татковина и гарант, никогаш нема да дозволи да дојде до каква било штета на кипарските Турци“, додавајќи дека Анкара ќе продолжи да ги презема сите неопходни чекори за да ја обезбеди безбедноста на народот на кипарските Турци.