Уапсена терористичка келија во Гостивар и Струга- регрутирале жители за свои активности

Четворица се уапсени во Гостивар и Струга во рамки на антитерористичка акција во која со информации и активности учествувале и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и служби од странски пријателски држави, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Групата е следена подолго време, а е откриено и дека сакала да набави оружје, муниција и материјали за експлозивни средства.

Станува збор за келија која се обидувала да регрутира и други македонски државјани во своите активности, а остварувале контакти и со насилни екстремисти од странство.

–Станува збор за терористички организации, четири лица кои се лишени од слобода. Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е координирано постапено. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели, рече Тошковски.

– Кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а во однос на мотивите имаме основани сомненија дека се поврзани со одредени групации кои се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи, подвлече министерот Тошковски.

Уапсените се дел од отворена истрага на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Не станува збор за лица кои се повратници од ИСИС или од други ризични подрачја, но имале врски и интернет комуникации со насилни екстремисти од странство. Споделени се информации со државите со чии граѓани биле комуникациите на осомничените за тероризам од Гостивар и Струга.