Уапсен братучедот на Асад! Тој велеше: „Заборавете ги вашите деца, ако ги сакате, раѓајте ги, ако не знаете како, донесете ни ги вашите жени ние ќе ви направиме деца“ (фото)
Братучед на поранешниот сириски лидер Башар ал Асад е уапсен во Сирија, јавува државната новинска агенција САНА.
Атеф Наџиб беше приведен во Латакија, упориште на семејството Асад каде што се засолниле некои лојалисти на поранешниот претседател. Асад и неговото семејство побегнаа во Русија за време на насилниот напредок на бунтовниците и џихадистите во декември минатата година.
Апсењето на Наџиб доаѓа откако новиот сириски претседател, Ахмад ал Шара, неодамна предупреди дека идната влада „ќе ги гони криминалците кои пролеаја сириска крв и извршија масакри и злосторства, без разлика дали се кријат внатре во земјата или избегаа во странство“.
Наџиб беше санкциониран од САД и Европската унија за неговата улога во насилното задушување на протестите во 2011 година.
Тој беше шеф на Одделот за политичка безбедност на Асад во Дара
Протестите против Асад брзо се проширија во пролетта 2011 година, откако група деца, наводно, биле уапсени и мачени затоа што пишувале антивладини графити на ѕидовите во градот Дара.
Според приказните што ги раскажувале локалните жители во тоа време, на децата им биле извадени ноктите. Протестите беа инспирирани од Арапската пролет која зафати неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Египет и Тунис.
Наџиб тогаш беше шеф на Одделот за политичка безбедност во Дара. Родителите на децата и истакнати локални претставници го молеле Наџиб да ги ослободи децата.
– Им беше кажано: „Заборавете на вашите деца. Ако сакате деца, направете уште деца. Ако не знаете како, доведете ни ги вашите жени и ние ќе ви ги направиме“, напишала новинарката Алија Малек во својата книга.
Децата на крајот беа ослободени, но армијата потоа започна напад врз Дара и протестите брзо се проширија низ Сирија.
Висок функционер во новата безбедносна администрација во Латакија, потполковник Мустафа Кнаифати, рече дека Наџиб се смета за „еден од оние кои се вклучени во злосторствата против сирискиот народ“.
Владеењето на семејството Асад во Сирија е обележано со децениски борби и крвопролевање. Меѓутоа, групите кои се бореле против него ги прекршиле и правилата за војување, убивајќи цивили и уништувајќи витална инфраструктура.