Уапсен хрватскиот министер за здравство, Пленковиќ ја свика коалицијата на средба

Припадници на хрватската Национална полициска канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал утрово организираа голема акција во која упаднаа и во домот на актуелниот министер за здравство Вили Берош.

Откако упадна во неговиот дом рано утринава, хрватската полиција го уапси министерот за здравство Вили Берош, јавија локалните медиуми по што премиерот Андреј Пленковиќ го разрешил и свикал средба со коалициските партнери.

„Премиерот го разреши Вили Берош од министерската должност и ја назначи д-р Ирена Хрстиќ за државен секретар која ќе раководи со Министерството за здравство до стапување на функцијата на новиот министер“, јавија медиумите во Хрватска.

Состанокот на коалицијата е во 10 часот.

„По 11 часот очекувајте медиумска конференција на премиерот“, соопштиле од Владата.

Во 13 часот прес-конференција закажале и од Државното обвинителство.

Припадници на хрватската Национална полициска канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал утрово организираа голема акција во која упаднаа и во домот на актуелниот министер за здравство Вили Берош.

На адресата на министерот за здравство Вили Берош, како што објави „Јутарњи лист“, дошле со наредби за претрес.

Според првичните информации, цел на истражителите, освен министерот, се и неколку високо позиционирани лекари, меѓу кои и директори на болници.

Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) соопшти дека „приведувањата и спроведувањето на итните доказни дејствија се резултат на истрагите што претходно ги спроведе УСКОК“.

„Наведените дејствија се вршат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, а за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела. По распитот на осомничените УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување по предметниот случај за што благовремено ќе ја информира јавноста“, се наведува во соопштението на УСКОК.