Убиени десетици луѓе во терористички напад во Индија: Вооружени напаѓачи пукаа во туристи во Кашмир (ВИДЕО)
Десетици луѓе загинаа откако вооружени лица во Кашмир отворија оган врз група туристи околу 14:30 часот, пренесува Ројтерс.
Според индиската полиција, досега се знае дека загинале најмалку 24 лица, но според локалните извештаи, бројот на загинати најверојатно ќе се искачи меѓу 26 и 30, пишува Дејли мејл.
Нападот се случил во популарното летувалиште Пахалгам, на околу 90 километри од градот Сринагар.
Индиските медиуми објавија дека група од две до три лица со оружје се појавила во областа и првично побарале од туристите да ги покажат личните карти.
Само неколку моменти подоцна, тие наводно отвориле оган.
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека нема да бидат поштедени сторителите на терористичкиот напад во Кашмир.
„Силно го осудувам терористичкиот напад во Пахалгам, Џаму и Кашмир. Сочувство до оние кои ги загубија своите најблиски. Се молам за брзо закрепнување на повредените“, напиша тој на платформата Х.