На Марк Дејвид Чепмен му е одбиено барањето за условна слобода по 14-ти пат, речиси 45 години откако го застрела Џон Ленон пред зградата каде што живееше во Њујорк.
Како што објавија американските медиуми, Чепмен (70) се обратил до комисијата за условна слобода на 27 август, но неговото барање да биде ослободен од поправниот дом „Грин Хејвен“ во Бикман, Њујорк, било одбиено.
Чепмен првпат доби право на условна слобода во декември 2000 година, 20 години откако го уби 40-годишниот Ленон пред неговата зграда во Њујорк на 8 декември 1980 година. Претходно истиот ден, Ленон го потпиша примерокот на Чепмен од неговиот нов албум „Двојна фантазија“.
Чепмен е во притвор од август 1981 година по пресуда за убиство од втор степен и отслужува казна од 20 години до доживотен затвор. Последен пат се појави пред одборот во март 2023 година.
Тој претходно изрази каење за своето злосторство, велејќи во интервју за одборот за условна слобода во 2020 година дека заслужува смртна казна за своето злосторство.
„Го убив затоа што беше многу, многу, многу славен и тоа беше единствената причина, а јас многу, многу, многу, многу барав сопствена слава. Многу себично“, изјави еднаш Чепмен.
Тој ги опиша своите постапки како „морничави“ и рече дека често мисли на Јоко Оно, која сега има 92 години и никогаш повеќе не се омажила по смртта на Ленон.
„Само сакам таа да знае дека го познава својот сопруг како никој друг и знае каков човек бил. Јас не. Не заслужувам ништо. Во тоа време, заслужував смртна казна. Кога свесно планирате да убиете некого и знаете дека тоа е погрешно и го правите тоа за себе, тоа е, според мене, смртна казна“, рече тој во тоа време.
Јоко Оно со години се противеше на ослободувањето на Чепмен. Таа во 2015 година изјави дека никогаш не размислувала да се исели од зградата што двојката ја делела со нивниот син Шон, бидејќи во неа имало работи што Ленон ги допрел.
Патем, следното рочиште за условна слобода на Чепмен е во февруари 2027 година.