Убиство пред казино во Кавадарци, полицијата уапси тројца осомничени

Министерството за внатрешни работи соопшти детали во врска со инцидентот во Кавадарци, каде едно лице го загуби животот при тепачка пред казино. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, денес (27.08.2025) во 04:56 часот во Полициската управа Кавадарци, пријавено е дека на задниот влез од казино на улицата „Никола Минчев“ во Кавадарци, неколку лица физички нападнале едно лице, кое паднало на земја и побарало помош.

„Полициски службеници од Полициската управа Кавадарци излегле на местото на настанот и утврдиле дека станува збор за П.Т. (43) од Кавадарци, кој и покрај укажаната помош, од страна на екипата на Итна медицинска помош бил констатиран мртов во 05:15 часот.“

„Веднаш по ова, а поради сомнение за вмешаност во инцидентот, Д.Б. (26), М.Г. (35) и Д.С. (27), сите од Кавадарци, беа лишени од слобода. Тие беа приведени и задржани во полициската станица“, соопшти МВР.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и полициски службеници вршат увид на местото на настанот, на надзорните камери на казиното, а по целосно расчистување и документирање на случајот, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.