Европската фудбалска унија (УЕФА) најави дека ќе ги зајакне безбедносните мерки на натпреварите на Европското првенство, за да ги спречи навивачите да трчаат на теренот и да дојдат до играчите.
УЕФА соопшти дека ќе воведе дополнителни безбедносни мерки на 10 стадиони во Германија, но не откри повеќе детали.
На синоќешниот натпревар помеѓу Португалија и Турција (3:0), четворица навивачи истрчаа на теренот и стигнаа до Кристијано Роналдо со кој сакаа да се сликаат. Исто така, по натпреварот во Дортмунд навивачите се обиделе да дојдат до фудбалерот.
„Секое навлегување на теренот е кршење на правилата на стадионот и ќе доведе до исфрлање од стадионот, забрана за пристап на сите натпревари на турнирот и поднесување кривична пријава за навлегување “, се вели во соопштението на УЕФА.
За време на останатите натпревари на овогодинешното Европско првенство, навивачи во неколку наврати упаднаа на теренот.