Ужасна несреќа во Газа: Камион што превезувал помош за жителите се превртел, 20 загинати

Агенцијата за цивилна одбрана во Газа соопшти дека 20 лица загинале кога камион со хуманитарна помош се превртел во близина на бегалскиот камп Нусеират во централниот дел на Појасот Газа.

„Дваесет лица загинаа, а десетици беа повредени синоќа кога камион што превезуваше помош се преврте додека стотици цивили чекаа помош“, изјави портпаролот на агенцијата Махмуд Басал за агенцијата Франс-прес (АФП).

Локалните новинари велат дека инцидентот се случил југоисточно од Деир ал-Балах во централна Газа синоќа кратко по 22 часот по локално време.

Портпаролот на здружението за приватен транспорт во Газа, Џехад Ислеим, вели дека вчера во Газа влегле 26 комерцијални камиони, од кои шест биле ограбени.

Хамас го обвинува Израел дека ги принудува возачите на камиони да одат по небезбедни патишта за да стигнат до центрите за дистрибуција на помош.

„Ова често резултира со натрупување камиони“, се вели во соопштението на прес-службата.