УЖАС ВО ХАВАИ – Најсмртоносниот пожар во историјата на САД: Сè уште над 300 исчезнати, објави списокот на ФБИ

По објавувањето на списокот со имиња, ФБИ доби информација за стотина живи луѓе, а агентите се обидуваат да ја потврдат оваа информација.

Властите на Хаваите ги објавија имињата на 338 лица кои сè уште се водат како исчезнати повеќе од две недели откако најсмртоносниот шумски пожар во САД во последните сто години го опустоши туристичкиот град Лахаина.

Списокот на ФБИ вклучува само луѓе со целосни имиња и кои биле пријавени за исчезнати од некој чии контакт информации се потврдени од властите.

„Овие 338 имиња се само дел од поголема листа. Да не го изгубиме од вид фактот дека имаме уште неколку стотици имиња за кои ни се потребни дополнителни информации“, рече Стивен Мерил , агент на ФБИ во Хонолулу.

Од објавувањето на списокот со имиња, ФБИ добил извештаи за околу 100 луѓе кои се живи, а агентите работат на потврда на таа информација, додаде Мерил.

Бројот на загинати во шумскиот пожар што избувна на 8 август во моментов изнесува 115, но властите предупредуваат дека бројот сигурно ќе се зголеми. Спасувачите се уште ги пребаруваат изгорените урнатини на Лахаина.

Ова е најсмртоносниот пожар во САД од шумските пожари во Минесота и Висконсин во 1918 година, во кои загинаа повеќе од 450 луѓе.