Во удар на гром во градот Либерец на северот на Чешка, повредени се 18 лица, меѓу кои и деца, а седум се пренесени во болниците во тешка состојба, соопшти Итната помош. Гром удри во дрво во парк во Либерец под кое посетителите на прославата на Денот на детето се засолниле од невремето.
Силно невреме со врнежи и мал град од пладне поминува над Чешка, а предупредувањето на метеорологот важи до понеделник.
Од удар на гром се онесвестиле 13 лица – пет деца на возраст од три до 16 години и осум возрасни. Петмина беа реанимирани, изјави директорот на болницата во Либерец, Томаш Рубичек за чешката новинска агенција ЦТК. Тој додаде дека повеќето од вкупно 18 повредени се со полесни повреди, ниту еден нема сериозни изгореници.
„Претежно имаат срцева аритмија и мали изгореници. Не е позната состојбата на детето кое со хеликоптер беше пренесено во Прага“, изјави портпаролот на болницата Вацлав Жичаж.