Украина бесна поради Маск: Милијардерот спречи напад со дрон на руски воен брод!? Залужни веднаш го извести Пентагон (фото)

Украинската војска, морала да се откаже од неколку напади со беспилотни летала врз руски цели бидејќи милијардерот Илон Маск, извршен директор на SpaceX, кој е сопственик и на сателитската интернет мрежа Starlink, нема да дозволи пристап.

Киев, планирал да употреби вооружен дрон за да нападне брод на морнарицата на Руската Федерација кој е закотвен во пристаниште на полуостровот Крим.

Маск сепак не им дозволи на украинските сили да пристапат до Starlink бидејќи не дозволува сателитската мрежа да се користи за офанзивни дејства. Поради ова Украина се откажа од нападот на споменатиот брод.

Врховниот командант на украинските вооружени сили, Валери Залужни, стапил во контакт со началникот на Генералштабот на Армијата на САД, Марк Мили, на кого му се пожалил дека Маск одредува што може, а што не може да направи украинската армија.

Залужни рекол дека е вознемирувачки фактот што Маск оневозможил неколку планирани напади.

Маск, моментално најбогатиот човек на планетата, се уште не ги коментирал тие наводи.

Михаило Подољак, советник на претседателот на Украина, за британски Телеграф изјави дека војната во Украина влезе во критична фаза и дека на украинските сили им е потребна оперативна и технолошка независност.

– Зависноста од одлуките и нивното спроведување мора да биде 100 проценти. Ако нашето оперативно дејствување зависи од надворешни фактори и од трети страни, тогаш нашата армија е изложена на голем ризик – рече Подољак.

Маск му дозволи на Киев да го користи Starlink кога Русија ја нападна Украина кон крајот на февруари 2022 година, за таа да не зависи од сопствената инфраструктура, која Москва почна да ја уништува.

Сепак, милијардерот изјави дека Starlink треба да се користи исклучиво за одбрана и оттогаш таа позиција не е променета.

Последната контроверзност доаѓа откако претседателката на SpaceX, Гвин Шотвел, во февруари рече дека ќе го ограничи пристапот на Киев до Starlink за воени цели.

Шотвел исто така рече дека Украина ќе може да го користи за нормални комуникации и хуманитарни операции.

Сепак, Украина го користеше Starlink и за напади со беспилотни летала.