Украина: Во руски воздушни напади врз Одеса повредени три лица

– Најмалку три лица се повредени, а неколку цивилни згради се оштетени, меѓу кои и станбени згради и образовни институции, во воздушните напади на руските сили што се случија пред зори денес врз градот Одеса во јужна Украинa.

„Државната служба за вонредни состојби спроведе операција за пребарување и спасување во Одеса, извлекувајќи три повредени лица од урнатините, сите вработени во супермаркет што беше погоден од непријателско гранатирање“, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко на Телеграм.

Тој додаде дека се оштетени станбени згради, образовни институции, автомобили, аптека и студентски дом на високообразовна институција.

Гувернерот на Одеса, Олех Кипер, на Телеграм изјави дека штетата на супермаркетот и другата инфраструктура е предизвикана од руски ракети соборени од украинските системи за противвоздушна одбрана.

„Ударниот бран ги скрши стаклата на неколку згради и оштети автомобили паркирани во близина. Пожари избувнаа во три згради. Сите надлежни служби се на терен“, додаде Кипер.

Тој тврди дека на ова подрачје биле извршени три брана напади при кои биле соборени вкупно 15 дронови и осум ракети „Калибар“.

Во соопштението на украинското воздухопловство на Телеграм се наведува истиот број соборени дронови и проектили, како и дека претходно во текот на денот рускиот хеликоптер Ка-52 бил уништен од противвоздушни ракетни единици во правец на Бахмут во областа Доњецк.

Руските власти сѐ уште не ги коментирале нападите.

Според податоците на Обединетите нации, во војната меѓу Русија и Украина, што започна во февруари 2022 година, загинале повеќе од 9.300 цивили, а над 16.600 се ранети.