– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес потпиша предлог-закони за продолжување на воената состојба и општата мобилизација за уште 90 дена, до 15 ноември.
Законот стапува во сила од 18 август кога завршува рокот на претходниот Закон за воена состојба и општа мобилизација.
Зеленски на 26 јули поднесе два предлог-закона до Врховната Рада, украинскиот Парламент, за продолжување на воената состојба и мобилизацијата. Парламентот ги одобри на 27 јули.
Воената состојба првпат беше прогласена од Зеленски веднаш по почетокот на руско-украинската војна на 24 февруари 2022 година и неколкупати се продолжува.
Претстојните парламентарни избори во Украина треба да се одржат во октомври 2023 година. Но Уставот на земјата забранува одржување избори за време на воена состојба.
Според последните податоци на Обединетите нации (ОН), досега во руско-украинска војна загинале над 9.000 цивили, а повеќе од 15.700 се ранети.
Околу 4 милиони Украинци кои се засолнати во земјите од Европската Унија во моментов имаат статус за привремена заштита.