УКРАИНА И ЕУ ЗАПОЧНУВААТ ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО? Главна закана Унгарија

Двајцата претставници на ЕУ рекоа дека официјалните преговори со Украина, како и со Молдавија, би можеле да започнат следната година.

Европската комисија во среда ќе препорача Унијата да започне преговори за членство со Украина откако земјата ќе ги исполни стандардните услови, изјавија двајца претставници на ЕУ, повеќе од 20 месеци откако Русија ја нападна Украина.

Во Киев, висок владин функционер рече дека Украина очекува Европската комисија на нејзината апликација за членство да и даде позитивен рејтинг, потребна награда во време на воен замор и загриженост за идната американска воена помош. Комисијата ќе процени дали Украина е подготвена за членство преку седум реформски области во извештајот, кои ќе послужат за одлучување дали ЕУ ќе започне формални преговори за членство. Одлуката ќе биде донесена во декември на самитот на лидерите на ЕУ.

Двајцата претставници на ЕУ рекоа дека официјалните преговори со Украина, како и со Молдавија, би можеле да започнат следната година. Тие додаваат дека извештајот на Комисијата, кој го опфаќа и процесот на пристапување на другите земји кои сакаат да влезат во ЕУ, допрва треба да биде завршен пред официјалното објавување.

Ќе се спротивстави ли Унгарија?

Преговорите за членство вообичаено траат со години пред кандидатите да исполнат различни правни и критериуми за членство, а Унијата е претпазлива да прими земја во војна. Сепак, интеграцијата со Западот е главен приоритет за Украина, поранешна советска република со околу 44 милиони жители лоцирана меѓу Русија и ЕУ.

Унгарија, каде премиерот Виктор Орбан е горд на своите контакти со Русија, стана главен потенцијален противник на позитивната одлука за Киев во декември, за која ќе биде потребна едногласна поддршка од сите 27 земји-членки на ЕУ.

За време на посетата на Киев во саботата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го пофали напредокот на Украина во реформите, велејќи дека земјата исполнила повеќе од 90 отсто од барањата потребни за почеток на официјални преговори за членство.

Фон дер Лајен: Вие сте во војна и истовремено спроведувате реформи

Фон дер Лајен ги истакна извонредните реформи како што се зајакнување на борбата против корупцијата, донесување закон за лобирање и заострување на законот за декларација на имот.

– Водите војна за опстанок и во исто време длабоко ја реформирате вашата земја – рече фон дер Лајен на прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Таа изрази уверување дека Украина наскоро ќе ги заврши преостанатите чекори и ќе постигне напредок на својот европски пат. Зеленски рече дека Киев ќе ги исполни дадените услови и дека позитивната одлука на ЕУ ќе обезбеди нова мотивација за неговата земја и армијата.