Украина: Нивото на водата во акумулацијата „Каховка“ под „мртвата“ точка

„Нивото е веќе 12,5 метри. Ова е пониско од ‘мртвата’ точка од 12,7 метри, кога повеќе не може да ја повлечеме водата за населените места и за нуклеарната централа Запорожје“.

Директорот на украинската компанија за производство на хидроенергија изјави дека нивото на водата во акумулацијата „Каховка“ по експлозијата на браната „Каховка“ се спуштило под „мртва“ точка од 12,7 метри, пренесува Анадолу.

„Нивото е веќе 12,5 метри. Ова е пониско од ‘мртвата’ точка од 12,7 метри, кога повеќе не може да ја повлечеме водата за населените места и за нуклеарната централа Запорожје“, рече извршниот директор на „Укрхидроенерго“, Ихор Сирота за Обединети вести.

Сирота истакна дека нивото на водата во акумулацијата може да продолжи да паѓа уште седум-осум дена ако моментната стапка на опаѓање е еден метар дневно, што дополнително индицира дека половина од хидроелектраната „Каховка“ е веќе целосно под вода.

„Доколку браната во долниот дел се уништи до самата основа, длабочината на акумулацијата нема да биде поголема од три метри, односно ќе се намали во ширина од 3,5 километри, како што беше пред експлозијата, на 1- 1,2 километри“, рече тој.

Додаде дека ќе биде потребна една година за да се изгради надвозник над поплавениот регион и да се испразни оштетениот објект, додека изградбата на нова станица, според првичните процени, би траела околу пет години.

Русија и Украина во вторникот меѓусебно се обвинија за кревање во воздух на браната „Каховка“, која ги поплави соседните населени места, ги загрози посевите и резервите со вода и жителите ги принуди на евакуација.

Москва ја обвини Украина дека се обидува да го отсече Крим од резервите на слатка вода од акумулацијата „Каховка“, формирана со браната, додека Киев тврди дека Русија се обидува да ја забави очекуваната контраофанзива.