Првиот украински заменик министер за надворешни работи, Андриј Сибих, го повика Пекинг да испрати делегација на планираниот мировен самит за Украина закажан за 15 и 16 јуни во Швајцарија.
Британските медиуми пренесуваат дека украинскиот дипломат, кој се наоѓа во посета на Кина, се надева дека сепак е можно да се убеди Кина да присуствува на самитот.
Русија не е поканета да учествува на оваа средба, а официјален Пекинг претходно најави дека ќе се држи настрана, објаснувајќи дека присуството на двете завојувани страни е предуслов за каква било суштинска мировна конференција.
„Украинската страна изрази надеж дека учеството на Кина на настанот може да биде добра можност да се даде практичен придонес во постигнувањето праведен и траен мир во Украина“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи по состанокот во Пекинг меѓу Сибих и кинескиот заменик министер за надворешни работи, Сан Вајдонг.
Украина соопшти дека повеќе од 100 земји ја прифатиле нејзината покана за самит на кој ќе се разговара за одредбите од мировниот план што го предложи претседателот Володимир Зеленски во обид да се стави крај на „руската инвазија која трае веќе три години“.
Москва ја оцени како бесмислена идејата за мировен самит без нејзино учество, а Украина ја обвини Русија дека се обидува да ја наруши конференцијата.
Само неколку дена пред Москва да започне напад врз Украина во февруари 2022 година, Кина прогласи „безгранично“ партнерство со Русија, но зазеде неутрален став во конфликтот.