Украина: Руските сили гаѓаа пристаниште и магацин за жито во Одеса

Руските сили рано утринава со беспилотни летала нападнаа пристаниште и складишта за жито во украинскиот крајбрежен регион Одеса, јавува Анадолу.

Командата на украинските воздухопловни сили навела дека руската армија ја нападнала Украина со беспилотни летала „Шахед“.

„’Шахед’ се лансирани од правец на Курск, Приморск-Ахтарск (Русија), Чауд (Крим). Уништени се 23 беспилотни летала“, се соопштува.

Повеќето од беспилотните летала беа соборени во регионите на Киев и Одеса, беше објавено.

„За жал, некои од беспилотните летала лансирани од непријателот ја погодија пристанишната инфраструктура во регионот на Одеса“, соопшти украинското воздухопловство.

Шефот на воената администрација на регионот Одеса, Олег Кипер, изјави дека како резултат на вчерашниот руски напад избувнал пожар во пристаништето и во објектите на индустриската инфраструктура во областа.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека нема човечки жртви.

„За жал, има штети, најмногу на југот. Руските терористи повторно ги нападнаа пристаништата, житата, глобалната безбедност на храната. Светот мора да реагира. Тоа е закана за сите континенти. Русија може и мора да биде запрена“, рече Зеленски.