Поддршката на ЕУ за Украина, резултатите од минатонеделниот специјален Самит на Унијата, руското мешање и протестите на земјоделците се главни теми на овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур.
Пленарната сесија ќе започне денеска со расправа за новите правила за инстант плаќања во евра, со кои треба да се обезбеди дека префрлените средства ќе пристигнат веднаш на банкарските сметки на клиентите и бизнисите низ ЕУ. Гласањето по предлогот е превидено за в среда.
Европратениците утре претпладне ќе дебатираат со претседателите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен за резултатите од последните Самити на Унијата, пред се од минатонеделното специјално заседание на кое беше усогласена ревизијата на Повеќегодишната буџетска рамка на блокот за периодот 2021-2027 година, во чии рамки беше одобрена и финансиската поддршка за Украина.
Се очекува за време на расправата европратениците да ја потврдат потребата ЕУ да остане обединета во непоколебливата поддршка за Украина, речиси две години од почетокот на руската агресија врз земјата. Од дебатата треба да произлезе резолуција, која ќе се најде на гласање пред европратениците на следното пленарно заседание на ЕП на крајот од месецот.
Утре Европскиот парламент ќе расправа и за наводите дека европратеник бил поврзан со руските безбедносни служби, како и за другите обиди на Русија за мешање во демократските процеси на ЕУ. Резолуцијата за ова прашање ќе биде ставена на гласање пред европратениците в четврток.
Европарламентот, исто така, утре ќе одлучува и за својот став во врска со преговорите со земјите членки на ЕУ за новите европски правила за геномски техники со кои се менува генетскиот материјал на организмите. Целта на правилата е прехранбениот систем да се направи поодржлив и поотпорен преку развивање на подобрени растителни сорти кои ќе бидат поотпорни на климатските влијанија и на штетниците и ќе даваат повисоки приноси со помалку ѓубрива и пестициди.
Гласањето по ставот за овие нови правила ќе се одржи в среда, кога европратениците ќе расправаат со претставници на Еврокомисијата и на белгиското претседателство со ЕУ за начините како да се одговори на барањата на земјоделците и руралните заедници низ Европа по масовните земјоделски протести изминатиов период и како да се поттикне земјоделството во блокот.
Истиот ден, пред Европскиот парламент ќе се обрати и романскиот претседател Клаус Јоханис, при што ќе ја претстави својата визија за предизвиците и иднината на Европа, по што ќе следи негова дебата со европратениците.
Исто така в среда, европратениците ќе дебатираат со Советот на ЕУ и со Еврокомисијата за извештаите за зголемениот број инциденти ширум Унијата мотивирани од антисемитизмот и антимуслиманската омраза, а ќе треба да се изјаснат и за Предлог-резолуција посветена на заканите за владеењето на правото и слободата на медиумите во Грција.