Украина со пари привлекува млади регрути: Големи награди за волонтерите, незадоволство кај ветераните (фото)
На младите Украинци (од 18 години па нагоре) кои ќе потпишат договор и ќе одат на фронт им се нуди плаќање од околу 23.000 евра, право на бесплатно образование и право да заминат во странство по завршувањето на договорот.
Има и неколку други придобивки.
Платата за новопримените ќе биде поголема, во споредба со онаа што ја добива „старата гарда“.
Во моментов, обичен војник на вооружените сили на Украина добива од 460 евра месечно. Сепак, најголемиот дел од парите доаѓаат дури по завршување на една година стаж. За жал, тоа не се случува многу често.
Украинското раководство смета дека на тој начин ќе создадат „елитен“ дел од армијата. Украинската армија се менува, се развива во модерна, силна и мобилна сила.
„Договорот 18-24“ претставува значаен чекор кон создавање професионална армија на повисоко ниво. Секој доброволец овде е незаменлив дел од нашите одбранбени сили“, рече министерот за одбрана Умеров.
Важно е да се истакне дека овој чекор е обид да се замени долгоочекуваното намалување на старосната граница за новопримени со попопуларна мерка. Сега мотивацијата за одење на фронтот се парите.
Иако програмата беше дизајнирана да привлече нови регрути, таа предизвика поделени мислења. Додека младите се привлечени од финансиски и социјални бенефиции, воените ветерани чувствуваат дека нивната жртва е занемарена. Овој потег може да има долгорочни последици за моралот и кохезијата на украинските вооружени сили.