Службата за безбедност на Украина тврди дека првпат нападнала руски бродови кај Севастопол на Крим со беспилотни пловила „Sea Baby“ кои биле вооружени со ракетни фрлачи!
Во понеделникот порталот „Украинска правда“ објави видео што им го доставила СБУ, а на која се гледа нападот. Шефот на СБУ, Васил Маљук, рече дека на видеото се гледаат украински беспилотни летала како „пукаат во руски бродови“ кои пловеле од пристаниште на Крим. Маљук додаде дека беспилотните летала не побегнале откако Русите пукале кон нив, туку се свртеле и возвратиле.
На видеото кое трае околу петнаесет секунди се гледа како дронот на украинската морнарица истрела 14 проектили, но не може да се види дали тие проектили погодиле нешто. Украинска ,,Правда” не наведе дали некој руски брод бил оштетен или евентуално потопен за време на битката, чиј датум не е познат, ниту дали „Морските бебиња“ ја преживеале размената на оган.
– На беспилотните летала има оружје што им овозможува да се борат на отворено море – напиша Украинска Правда.
Беспилотните бродови „Sea Baby“ најверојатно биле вооружени со ненаведувани термобарични ракетни фрлачи RPV-16, изјави пензионираниот капетан на морнарицата на Украина, Андриј Риженко во Воената зона.
Термобаричното оружје, чија употреба инаку е забранета со Женевската конвенција, користи кислород за да создаде експлозија. Бомбата цица кислород од околниот воздух за да создаде експлозија со висока температура.
Тоа е оружје со две фази.
Полнењето во првата фаза го дисперзира горивото како облак што може да навлезе во зграда, бункер, тунел или кој било друг објект што не е херметички затворен, а потоа дистрибуира аеросоли од гориво на база на јаглерод до фини метални честички. Вториот полнеж го запали тој облак, создавајќи огнена топка и се создава моќен ударен бран или вакуум кој го вшмукува околниот кислород. Ударниот бран, кој буквално го цица воздухот од белите дробови, може да трае значително подолго од обичните експлозиви и е способен да предизвика целосно распаѓање на човечкото тело.
Веќе се видени фотографии од „Sea Baby“ со ракетни фрлачи.
Украинските сили, доколку овие пловни објекти сега можат да истрелаат термобарични проектили, ќе можат да извршуваат посложени напади во иднина.
SBU користеше „Sea Babies“ кога го нападна мостот Керч во јули 2023 година. Украинците исто така ги користеа овие пловни објекти кога нападнаа три руски брода во септември и октомври минатата година.