Украина тврди дека Русија лансирала рекордни 728 беспилотни летала во ноќен напад

– Украина денес тврди дека Русија лансирала рекордни 728 беспилотни летала врз земјата во напад во текот на ноќта.

Според соопштението на Воздухопловните сили на Украина, воздушната одбрана на земјата соборила 718 од 728 беспилотни летала, како и седум од 13 ракети лансирани врз земјата.

„Главната насока на нападот е Волин, градот Луцк“, се додава во соопштението.

Гувернерот на Волин, Иван Рудницки, на Телеграм напиша дека околу 50 беспилотни летала и пет ракети биле откриени над северозападниот регион, кој граничи со Белорусија и Полска.

Рудницки рече дека во моментов се работи на гаснење на пожарите во магацините што му припаѓаат на едно претпријатие, како и на гаражна задруга.

„Засега нема извештаи за повредени или смртни случаи“, додаде Рудницки.

„Пожарникарите го изгаснаа пожарот. Според прелиминарните информации, нема жртви“, објави подоцна Државната служба за вонредни ситуации на Украина на Телеграм.

Во меѓувреме, Оперативната команда на Полските вооружени сили на X објави дека полските и сојузничките авиони летале над нивниот воздушен простор поради нападот во соседна Украина.

Авионите беа повлечени „поради намаленото ниво на закана“, се додава во соопштението.

Руските власти не дадоа веднаш коментар за нападот.

Претходно, Киев тврдеше дека Русија лансирала 539 беспилотни летала врз Украина минатиот петок.