УКРАИНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА ЗАБРАНИ ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА – “Ова е историски чекор, ги отстрануваме од украинската земја“
Во четвртокот, украинскиот парламент даде зелено светло за забрана на Украинската православна црква – Московската патријаршија, која Киев ја обвинува за соработка со Русија.
Црквата, која тврди дека повеќе не е поврзана со Руската православна црква, ги отфрла обвинувањата на Киев и ја смета забраната за неуставна.
Пратеникот Јарослав Жележњак во објава на социјалните мрежи напиша дека пратениците го поддржале законот по првото читање. Законот сè уште треба да помине на второ читање и мора да биде потпишан од претседателот.
Законот ќе ги забрани активностите на верските организации поврзани со центрите на моќ во држава која врши вооружена агресија против Украина.
Друга членка на парламентот, Ирина Херашченко, го оцени гласањето како историско и прв чекор за отстранување на московските свештеници од украинската земја.
Украинските власти и многу граѓани со години веруваат дека Украинската православна црква е лојална на Москва. Од руската агресија во февруари 2022 година, покренати се 68 обвиненија против нејзините свештеници, вклучително и за велепредавство.