Украинскиот претседател се состана со шефот на Светската банка во Вашингтон

 – Украинскиот претседател Владимир Зеленски се состана со шефот на Светската банка и американските одбранбени компании при пристигнувањето во Вашингтон во дводневна посета за која се вели дека е лобистички напор за обезбедување на милијарди долари американска помош за украинските воени сили против Русија.

„Имав добар и продуктивен состанок со претседателот на @WorldBank Аџеј Банга. Ѝ се заблагодарив на Светската банка за поддршката и континуираниот интерес за успехот на Украина“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Х синоќа.

Укажувајќи дека разговарале за начините за зајакнување на финансискиот систем на неговата земја, стратегиите во врска со обновувањето на хипотекарното кредитирање и механизмите во врска со употребата на замрзнатите руски средства во корист на Киев, Зеленски рече дека тој и Банга се согласиле да работат заедно на „силните идеи кои ќе ја зајакнат економска отпорност на Украина“.

Украинското претседателство во посебна изјава рече дека Зеленски и Банга се фокусирале и на зголемување на уделот на безготовинските трансакции во економскиот систем на Украина.

Зеленски му се заблагодари на Банга за поддршката на Светската банка за Киев од почетокот на руската војна против Украина во февруари 2022 година, како и за нејзината мобилизација на меѓународна финансиска помош за неговата земја и активната поддршка во соработка со меѓународните донатори.

„Аџај Банга ја потврди подготвеноста на Светската банка постојано да обезбедува финансиска поддршка и да ги споделува најдобрите глобални практики за економското закрепнување на Украина“, се вели во соопштението.

Зеленски, во посебна изјава, рече дека се сретнал и со шефовите на американските одбранбени компании и дека е благодарен на „сите работници, инженери, сите што работат во американските одбранбени компании и партнерите кои произведуваат оружје што ги спасува Украинците и ѝ помага на нашата армија да ја одбрани земјата“.

„Подготвени сме да произведеме повеќе муниција и воена опрема, но ни треба поддршка. Важно е да се развие заедничко производство на артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана, артилерија и ракетни системи. Можеме да создадеме повеќе работни места, да ги зајакнеме и да им користиме на нашите луѓе работејќи заедно“, рече Зеленски.

Зеленски се сретна и со директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, а треба да разговара и со неговиот американски колега Џо Бајден.