УКРАИНЦИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО ОДЛУЧУВАЧКАТА БИТКА Киев ги знае слабостите на руската армија

Украинците немаат успех на ниту еден дел од фронтот. Загубите на Русија се десет пати помали. За време на борбите уништена е 60 отсто од украинската воена опрема, тврди Владимир Путин

Вооружените сили на Украина извршија „главен удар“ во долго подготвената контраофанзива против руските воени единици. Киев испратил на фронтот илјадници војници кои претходно биле чувани во резерва, пишува американски „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на анонимни извори, пренесува Политика.

„Украинските власти им кажаа на американските сојузници дека проширените украински сили ќе се обидат да напредуваат на југ преку руските мински полиња и други утврдувања кон градот Токмак. А, доколку успеат, ќе продолжат кон Мелитопол, пишува американскиот весник, повикувајќи се на двајца анонимни функционери од Пентагон.

Дали Киев ги знае слабостите на Русија?

Војниците кои се впуштија во оваа акција се добро обучени и опремени со западна опрема, се наведува во извештајот.

Украина распореди повеќе сили во југоисточниот дел на земјата, што е знак дека Киев идентификувал потенцијални слабости во руските одбранбени линии, изјавија двајца американски претставници за Си-Ен-Ен.

Се чини дека притисокот дал одредени резултати. Украинските единици успеаја да пробијат некои елементи од руските одбранбени линии на југоисток, рече американскиот функционер, а резервните единици влегоа да ја искористат можноста.

Руски воен претставник призна дека во средата украинските сили успеале да „влезат“ во три дела од првата руска одбранбена линија на фронтот во Запорожје.

„Почна вториот бран на украинската контраофанзива“ на фронтот Запорожје, изјави Владимир Рогов, член на руската воено-цивилна администрација во регионот.

Масовен напад

„Њујорк тајмс“, исто така, ги цитираше украинските офицери кои велат дека „постојано ги туркаат руските војници назад“. Сепак, нивниот напредок беше „бавен, без поголеми пробиви. Тие се забавени од минските полиња, а украинските војници тврдат дека најголемата пречка е руската артилерија и воздушните напади.

Извештајот се совпаѓа со соопштението на руското Министерство за одбрана, во кое се вели дека украинската армија извршила „масовен“ напад со три баталјони поддржани од тенкови.

Руските сили го одбија нападот, спречувајќи ги единиците на Киев да ги пробијат нивните одбранбени линии во близина на селото Орехов во областа Запорожје. Министерството додаде дека Украина во битката изгубила 22 тенкови, десет пешадиски борбени возила и повеќе од 100 војници.

Руските трупи, исто така, одбија напад врз селото Работино и употребија воздушни напади и артилерија за да ги скршат украинските единици во близина на Мала Токмачка и Јаблоков.

Украинците немаат успех?

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека украинските сили не се успешни во ниту една област од конфликтот

„Сите обиди за контраофанзива не успеаја, непријателот беше запрен со големи загуби“, рече Путин и прецизираше дека само за време на вчерашните борби во правец на Запорожје, Украина претрпе големи загуби во жива сила, дека загинале повеќе од 200 луѓе.

„Загубите на Русија се десет пати помали. За време на борбите, 60 отсто од опремата на вооружените сили на Украина беше уништена, а 40 отсто беше уништена од руската авијација“, прецизира Владимир Путин ..