Украинците го потврдија падот на Ф-16: Авионот се изгубил кога се приближувал кон целта

Украинската војска го потврди соборувањето на борбен авион Ф-16, што е прва ваква загуба пријавена по долгоочекуваното пристигнување на американски авиони во земјата.

„Авионот се урна, а неговиот пилот загина додека се приближуваше кон целта за време на руски воздушен напад“, објави украинскиот Генералштаб на Фејсбук.

Ф-16 „покажаа висока ефикасност“ и соборија четири руски крстосувачки ракети, се додава. „Комуникацијата со еден од авионите беше изгубена додека се приближуваше до следната цел. Како што се испостави подоцна, авионот се урнал, пилотот загинал“, се додава во соопштението.

Претседателот Володимир Зеленски на 4 август потврди дека неговите пилоти почнале да летаат со Ф-16, поздравувајќи го моментот како голема пресвртница во борбата против инвазијата што ја започна Русија пред 29 месеци.

Тој рече дека во вторникот Ф-16 биле користени за да се одбие голем руски напад еден ден претходно со повеќе од 200 проектили и беспилотни летала насочени кон енергетскиот сектор.

Можно е падот на авионот не бил резултат на руски оган. Можни причини вклучуваат грешка на пилотот или механички дефект, пишува Клих.ба.

Воените аналитичари велат дека пристигнувањето на мал број авиони, иако е значајно, веројатно нема да биде пресвртница во конфликтот.

Западната команда на украинските воздухопловни сили објави некролог на Фејсбук за пилотот Олексиј Мес, велејќи дека тој бил убиен додека одбивал напад во понеделникот.

Си-Ен-Ен соопшти дека Мес го имал знакот за повик Moonfish и дека тренирал за мисии Ф-16 во 2023 година.