Украинската Армија останува без војници. Во потрага по оние кои би можеле да бидат испратени на бојното поле, новиот министер за одбрана, Рустем Умеров, ја разгледува можноста за регрутирање на украински мажи кои живеат во странство.
„Од Украинците на возраст меѓу 25 и 60 години во Германија и во други земји ќе се бара да се пријават во центрите за регрутирање на вооружените сили“, порача Рустем Умеров во интервју за Bild, TV Die Welt и Politico.
Додуша, министерот зборуваше за покана. Но, тој јасно стави до знаење дека ќе има санкции доколку некој не одговори. Што точно значи тоа, не кажа.
„Сè уште разговараме што ќе се случи ако не дојдат доброволно“, вели Рустем Умеров.
Во интервјуто, Рустем Умеров го опиша регрутирањето како „не казна“, туку „чест“.
Во ноември австрискиот весник Express, повикувајќи се на европската статистичка агенција EuroStat, напиша дека околу 650 илјади Украинци способни за воена служба заминале во земјите на ЕУ. Речиси 200 илјади од нив се во Германија.
Украинската Армија сака да мобилизира уште 450.000 до 500.000 војници за да ја одбие руска инвазија. Сепак, финансиските и политичките рамки се уште не се разјаснети.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја нарече мобилизацијата како – „многу чувствително прашање“. Рустем Умеров, пак, истакна дека е важна правичноста. Во иднина, на регрутите треба однапред да им биде јасно како ќе бидат обучени и опремени, каде и кога ќе служат и кога ќе можат да се вратат дома – ако преживеат.
Илјадници Украинци се обидуваат да ја избегнат воената служба бегајќи во странство. Граничните контроли се строги, полицајците претресуваат автомобили и возови. Понекогаш бараат луѓе дури и под облогите на вагонот.
Има многу случаи на луѓе фатени во обид илегално да ја преминат границата, а исто така се познати и многу случаи во кои регрутираните во центрите за регрутирање поткупуваат службеници за да избегнат воена служба.
На прес-конференцијата на крајот на годината, Володимир Зеленски посочи дека моментално има околу 500.000 војници на фронтот.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, оваа недела изјави дека 617.000 руски војници учествуваат во т.н. „специјална воена операција“.